Lucido („лучидо“, со л како во меле, не како во болка, и со акцент на првиот слог) потекнува од латинското lucidus, кое го има како корен lux (светлина) и се одликува со два вида значења: пред сѐ како придавка, а потоа и како именка. Како придавка, може да опишува особина на материјални појави, и, соодветно, особина на карактер. Како придавка која опишува особина на материјални појави, lucido може да се преведе најпрво со сјајно, а потоа и со светкаво, но, треба да се внимава, затоа што со lucido можат да се опишуваат само оние материјални појави подложени на визуелна перцепција, кои не се сами по себе извор на светлина, туку ја одразуваат светлината произведена од друг извор, како на пример сјајното влакно на коњите (il pelo lucido dei cavalli). За појавите кои сами по себе се извор на светлина посоодветен е зборот lucente (лученте, со истото л и со акцент на вториот слог). Како особина на карактер, најсоодветен превод за lucido е луциден, што пред сѐ значи свесен, бистар, (здраво)разумен, трезвен, присебен, и, најпосле, на извесен начин просветлен, односно избавен од голем дел од заблудата на мракот (наметнуван или однадвор, или од сопствените – позитивни или негативни - чувства и мисли). Во ова поле на значење, lucido e синоним со англиското lucid. Впрочем, lucid e еден од оние англиски зборови коишто имаат потекло од латинскиот јазик, а од нивниот италијански близнак се покуси само за она о на крајот: valid(o), timid(o), insipid(o)... Во функција на именка, lucido пред сѐ означува сјај, како на пример сјај за чевли (lucido per scarpe).
Од lucido, како што тоа често се случува со придавките, изведен е глаголот lucidare, кој значи светнува, а најчесто стои пред именки што означуваат материјални предмети со површини што сјаат (одразувајќи ја светлината) откако ќе се исчистат, поради самата природа на материјалот од кој што самата површина е направена, како на пр., да се светнат чевлите, или мебелот (lucidare le scarpe, oppure i mobili).