Фабрицио Кристијано де Андрe (Fabrizio Cristiano de André) е роден во квартот Пељи во Џенова, на улица Виа де Николај бр. 12, на 18 февруари 1940 година. Според кажувањата, професорот Џузепе де Андрe, таткото на Фабрицио, за да ги ублажи породилните болки на сопругата на куќниот грамофон ја ставил плочата со Valzer campestre („Селски валцер“) од Џино Маринуци (Gino Marinuzzi), музика од којашто подоцна Фабрицио ќе се инспирира за да напише една од своите први песни, Valzer per un amore („Валцер за една љубов“).
Поради војната, која довела до тоа многу луѓе да се раселат, Фабрицио ги минал најраните години во куќата во Ревињано Дасти (Revignano d’Asti), заедно со мајка си, Луиза Америо (Luisa Amerio), братот Мауро и двете баби, додека таткото бил принуден да се крие од фашистите кои го гонеле.
Овој период бил краток, но бил дефинитивно еден од најважните и наједукативните за Фабрицио, пред сè поради безгрижниот[1] и слободен начин на живот, но и поради некои одлучувачки средби, како онаа со земјоделецот Емилио Фасио (Emilio Fassio), кој му ја пренел љубовта кон животните и кон природата којашто Фабрицио ќе ја негува во текот на сиот свој живот. Детството на Ревињано Дасти и ликовите што го населиле – како малечката Нина Манфиери (на која по многу години ќе ѝ ја посвети песната Ho visto Nina volare [„Ја видов Нина како лета“]) или селаните Емилио и Феличина (Felicina) Фасио – ќе останат вруток на спомени и инспирација сè до неговите последни творби.
Како што раскажува мајката, „Фабрицио беше пресреќен кога трчаше по ливадите, кога им правеше друштво на селаните кога тие работеа, или кога одеа на лов... Штом заврши војната, сите бевме среќни што се враќаме в град. Тој беше очаен... Имаше пет години. Ова беше големо страдање за него, толку беше навикнат да трча низ полето... Уште од малечок не поднесуваше да гледа како луѓето страдаат. Штом ќе излезевме заедно, кога и да наидевме на просјак, тој ме тераше да застанеме за да му дадеме пари.“ (Од последните зборови се гледа колку била природна, или вродена, солидарноста на идниот анархист).
По завршувањето на конфликтот, семејството се враќа во Џенова и се сместува во нова куќа на Виа Триесте бр. 8. Во октомври 1946 година Фабрицио го запишуваат во прво одделение во Институтот на сестрите Марчелине (Istituto delle suore Marcelline), коишто тој – покажувајќи уште од тогаш нестрпливост кон ограничени простори и дисциплина, но и склоност кон иронија, која често ќе знае да прмине во самоиронија – ги прекрстил во „Порчелине“ (“Porcelline” – „Прасици“). Со оглед на тоа што напорите на калуѓерките се покажале како неуспешни, неговите одлучиле следната година да го запишат во државно училиште: така, второто одделение Фабрицио го започнал во училиштето Армандо Диаз, на улица Чезаре Батисти (Cesare Battisti) бр. 5.
Во август 1948 година, во Покол (Pocol), над Кортина (Cortina), за прв пат го запознава Паоло Вилаџо (Paolo Villaggio), кој тогаш имал седумнаесет години. Двајцата веднаш се поврзале, но седумте години разлика не им дозволиле поврзувањето да премине во вистинско пријателство. Паоло и Фабрицио си се изгубиле од видик за одново да се сретнат дури по десетина години, на театарските штици; од тој миг, останале неразделни.
Во летото 1950 година, откако завршил четврто одделение, Фабрицио го минал својот последен одмор во Ревињано. Професорот одлучил да го продаде имотот и да купи стан во Асти. Фабрицио многу страдал поради ова - за тоа место биле врзани неговите најубави спомени од детството. Во себе одлучил дека, кога ќе порасне, одново ќе го купи имотот и нема да ги напушти местата што толку многу ги сака. Оваа желба останала будна низ идните години, а на пријателите што ги стекнувал редовно им ја доверувал желбата да има сопствена земјоделска фарма. По неколку години, Фабрицио ќе го оствари овој свој сон, иако далеку од своето море – на Сардинија.
Во октомври 1951 година, Фабрицио продолжил со основно образование во Џовани Пасколи (Giovanni Pascoli), во истата зграда кадешто било сместено основното училиште Армандо Диаз. Но, со оглед на тоа што повеќе го привлекувале игрите и улицата, не покажувал интерес за учење, па дури и ја повторувал втора година. Тогаш, таткото, бесен, одлучил да го довери на крајно строгите језуити од Ареко (Arecco), но една непожелна сцена со некој „буличо“ (buliccio – хомосексуалец) отец довела до тоа професорот да го запише синот во Институтот Палаци (Istituto Palazzi), на кој бил и сопственик.
„Откако заврши основно образование – продолжува да раскажува мајката – се запиша во класичната гимназија Коломбо, која ја посетуваше редовно сè до матурата. Книжевноста му одеше мошне добро, иако не учеше многу, но со науката повеќе се мачеше. Во секој случај, не правеше ама баш ништо за да има висока оценка, доволна му беше двојка... Негова страст беше музиката. Доби гитара како подарок, и никогаш не ја оставаше, дури ни кога одеше до бањата... Почна да пишува песни, да пее.“
Токму за време на гимназиските години се случува пресудното искуство за Де Андре: пролетта 1956 година, неговиот татко од Франција носи две плочи од Жорж Брасенс (Georges Brassens). Средбата со големиот француски кантавтор го поттикнала Фабрицио да чита анархистички автори што засекогаш ќе останат со него: Бакунин, Малатеста, Кропоткин, Штирнер. Освен тоа, во светот опеан од Брасенс Фабрицио се сретнал со понизните и автентични ликови што живееле во тесните сокачиња од неговиот град и кои наскоро ќе најдат место, разбирање и достоинство и во неговите песни.
Де Андре се запишал и на факултет, но изборот ја потврдил слабата наклоност кон „официјалните“ студии: прво студирал медицина, потоа и книжевност, а на крај и право, но не дипломирал. Деновите му минувале со музика, читање (Вилон [Villon] и Достоевски, повеќе од Бакунин и Штирнер) и, пред сè, во друштво на пријателите Луиџи Тенко (Luigi Tenco), Џино Паоли (Gino Paoli), Паоло Вилаџо и други. Подоцна, сеќавајќи се на тоа време, ќе изјави: „Прилично рано ми стана мошне јасно дека мојата работа треба да се движи по овие две шини: поривот кон остварување социјална правда којашто сè уште не постои, и илузијата дека можам да учествувам, на некој начин, во промена на светот. Втората набрзо се строши, првата останува“.
Во меѓувреме, во 1958 година, ги компонира Nuvole barocche („Тешки[2] облаци“) и E fu la notte („И бидна ноќта“), скромни песни создадени во коавторство, коишто по извесен број години Фабрицио ќе ги дефинира како „два младешки гревови“. И навистина, веќе во летото ’60 година, заедно со Клелиа Петраки (Clelia Petracchi) ќе го напише она што подоцна ќе го смета за своја прва вистинска песна, La ballata del Miché („Балада за Мике“), којашто останува, ако не една од најубавите, сигурно една од најпознатите и, имајќи ја предвид дваесетгодишната возраст на авторот, една од најзначајните.
Во јули 1962 година се венчава со Енрика Рињон, наречена Пуни (Enrica Rignon – Puny) а на 29 декември истата година се раѓа синот Кристијано. Фабрицио имал едвај дваесет и две години, семејство, и музика, која повеќе била доходовно хоби отколку работа. Но, пресвртот во кариерата настапил во 1965 година, кога славната Мина извела една негова композиција, La canzone di Marinella („Песната за Маринела“), која веднаш стана бестселер и го претстави пред сеопштото внимание. „Добивав по шест илјади лири во едно полугодие (прилично висока сума за тие години)“ – ќе изјави Фабрицио во едно интервју – и тогаш собрав сè што имав, и жена, и дете и свекор и се преселивме на Корсо Италија, во шик соседството во Џенова. Значи, расчистив со приказната за дипломирање и тие работи. Од тој миг, почнав да мислам дека можеби песните ќе ми донесат многу повеќе и, пред сè, ќе ме забавуваат повеќе“.
На инерцијата од овој успех, во 1966 година е објавена дебитантската лонгплејка: Tutto Fabrizio de André („Сè од Фабрицио Де Андре“), која содржи некои од најдобрите песни напишани дотогаш, меѓу кои La canzone di Marinella, La guerra di Piero („Војната на Пјеро“), Il testamento („Тестамент“), La ballata del Miché, La canzone dell’amore perduto („Песна за изгубената љубов“), La città vecchia („Стариот град“).
По оваа плоча, во 1967 година следи Volume I, во кој се истакнуваат Via del campo („Виа дел кампо“), Bocca di rosa („Трендафил-уста“) и Preghiera in gennaio („Молитва во јануари“): првите две посветени, со длабоко чувство на солидарност и разбирање, на две девојки проститутки; третата компонирана по повод и во спомен на трагичната смрт на пријателот Луиџи Тенко кој се самоубива на 27 јануари во Санремо.
Со овој албум се отвора најп родуктивната доба во кариерата на Де Андре; меѓу кратки паузи излегуваат: Tutti morimmo a stento („Сите умревме мачно“ - 1968), Volume III (1968), La buona novella („Добрата приказна“ - 1970), Non al denaro non all’amore né al cielo („Ни за пари, ни за љубов, ни за небеса“ - 1971), Storia di un impiegato („Приказната на еден работник“ – 1973), Canzoni („Песни“ – 1974) и Volume III (1975).
Во 1975 година, Де Андре, кој секогаш одбивал да се најде лице в лице со публика, се појавува во живо во локалот-симбол на Версилија, “La Bussola” („Компас“). И покрај стравувањата (се чини дека сè до последниот миг не сакал да се искачи на сцената), концертот се покажува како вистински успех.
Со заработените пари си купува земјоделска фарма во близина на Темпио Паузанија (“Tempio Pausania”), на Сардинија. А во 1977 година, од заедницата со Дори Геци (Dori Ghezzi), пејачката од Милано со којашто се врзува во 1974 година, по разделбата од првата сопруга, се раѓа Луиза Виторија (Luisa Vittoria), наречена Луви. Веднаш потоа излегуваат албумите Rimini (1978), напишан во соработка со Масимо Бубола (Massimo Bubola), и In concerto con la PFM („Концерт со ПФМ“ - 1979).
Вечерта на 27 август 1979 година Дори и Фабрицио се киднапирани и четири месеци остануваат заточеници на Анонимната[3]. Ова драматично искуство сепак нема да ја избрише љубовта што Фабрицио ја чувствува кон земјата којашто го присвоила; очигледно е дека нема ни ронка гнев во неговите изјави по ослободувањето: „Киднаперите – вели – беа крајно внимателни, речиси родителски настроени... Се сеќавам дека еден од нив една вечер испи малку повеќе ракија, се опушти и ни рече дека воопшто не му е пријатна нашата ситуација“.
На 29 октомври 1980 година, на возраст од шеесет години, умира саканиот Брасенс, убиен од тумор. Де Андре, по една година, во интервју дадено за дневниот весник „Ла Стампа“ изјавува: „Иако имав можност, никогаш не сакав да го запознаам лично, сакав да избегнам да го претворам во личност, или да откријам дека ми е антипатичен. За мене тој беше мит, гуру, модел; благодарение на него се приближив до анархизмот. Тој претставуваше надминување на малограѓанските вредности, а и граѓанската класа ја научи на извесни форми на почит на коишто не беше научена. Неговите текстови можат да се читаат и без музика. За мене, тој се чита како Сократ: те учи како да се однесуваш, или, во најмала рака, како да не се однесуваш“.
По краток одмор, кантавторот повторно се враќа со албумот Fabrizio de André (Indiano), („Индијанецот“, наречен така поради сликата на омотот од плочата), кој ја содржи и песната Hotel Supramonte, потсетување на траумите и несигурностите искусени за време на заточеништвото.
Во 1984 година излегува албумот Creuza de mä („Врвица до морето“), од многу критичари сметан за негово ремек-дело. Дискот, кој му донесе бројни награди и признанија и кој на јавноста ѝ беше претставен во текот на импресивната турнеја со синот Кристијано и Мауро Пагани (од ПФМ), евоци ра звуци, мириси, гласови и вкусови од целото Средоземје, но, пред сè претставува – како што го дефинира Луиџи Вива – љубовен спев за Џенова“.
Следната година Фабрицио е погоден од сериозна загуба: на возраст од 72 години починува неговиот татко, прилично познат и влијателен човек во Џенова. Во интервју со пријателот Чезаре Г. Романа (Cesare G. Romana) Фабрицио де Андре ќе изјави: „Проблемот не е во тоа што го сакав, тоа нема да се смени. Проблемот е што тој ме сакаше мене“.
По неколку години, во летото 1989 година, од анеуризам починува и братот Мауро. Има едвај 54 години, и Фабер е потресен од ужасната вест: „За смртта на татко ми, барем бевме подготвени: беше стар. Но Мауро...“
Сепак, има и радосни моменти, како бракот со Дори Геци, прославен во декември 1989 година, по петнаесет години соживот; а се случува и бракот на Кристијано.
Во 1990 година, по шест години тишина, излегува новиот албум Le nuvole („Облаци“), најверојатно најполитичкиот диск од севкупната продукција на кантавторот, кој го допира својот врв со La domenica delle salme („Неделата на труповите“).
Во 1991 година, седум години по неговата последна турнеја, Фабрицио си го обновува успешното излегување на сцена, во живо, по што го објавува дискот Fabrizio De André 1991 – Concerti.
Во 1992 година, година на Колумбијадите (“Le colombiane” – прослави по повод петстогодишнината од посетата на Кристофер Коломбо на Централна Америка), Џенова слави со изложби и работи за различни милијарди петстотините години од откривањето на Америка: Де Андре е поканет да учествува и да изведува заедно со Боб Дилан, но тој одбива да биде вклучен на каков било начин, и уште потсетува на истребувањето на Индијанците во Америка.
На 3 јануари 1995 година, кантавторот останува и без мајка си Луиза, единствената од семејството која починува од старост, на возраст од 83 години.
Во 1996 година излегува Anime salve („Осамени духови[4]“), албум напишан во соработка со Ивано Фосати (Ivano Fossati), кој ротира околу двојната тема на изолираните малцинства и осаменоста. Истата година, во Еинауди го објавува Un destino ridicolo („За една смешна судбина“), роман напишан во коавторство со Алесандро Џенари.
Во 1997 година е објавен Mi innamoravo di tutto („Се вљубував во сè“), збирка стари песни одбрани од авторот, меѓу кои се истакнуваат оригиналната верзија на Bocca di rosa и La canzone di Marinella, изведена во дует со Мина.
Во летото 1998 година Фабрицио е принуден да ја прекине турнејата со Anime salve. Испитувањето, извршено на 25 август, не остава надеж: тумор на бели дробови.
Неколку месеци подоцна, во 2:15 по полноќ, на 11. јануари 1999 година, Фабрицио починува во Институтот за туморни заболувања во Милано, кадешто е згрижен и придружуван до последниот миг од своите најблиски.
Разбранувана толпа од над десет илјади души учествуваше во неговиот погреб, одржан на 13 јануари во Базиликата Карињано (Basilica di Carignano) во Џенова. Над тоа море од човечност се вееја две знамиња: она на Џеноа (неговиот омилен фудбалски тим) и анархистичкото знаме (како сведоштво и потсетување на неговото политичко „кредо“, или, подобро, на неговата природа).
На гробиштата во Стаљено (Staglieno), во семејната капела, „живее вечно“.
[1] Spensierato – буквало - без мисла (pensiero – мисла)
[2] Barocche - barocco – 1. Барокно 2. Изнасилено, вештачко, тескобно
[3] Криминална организација во Сардинија
[4] Буквалниот превод на “Anime salve” е „Спасени души“, но, во повеќе наврати самиот Фабрицио има изјавено дека зборовите можат да бидат протолкувани и како “Spiriti solitari” („осамени духови“), што се однесува на маргинализираните индивидуи и групи.

Биографијата е преземена од веб-станицата на Џузепе Чириљано (Giuseppe Cirigliano) посветена на Фабрицио де Андре. http://www.giuseppecirigliano.it/FDA_biografia.htm