Тој лежи врз широка, неподносливо силно осветлена пуста рамнина и со недоверчив поглед ја следи силуетата на една девојка којашто му се доближува. Штом ќе дојде сосем блиску, таа ја наведнува главата, а тој се свртува и легнува на грб врз земјата. Ги затвора очите, ја раскопчува својата кожа од клучната коска до папокот, а таа се наведнува, се склопчува и влегува во него. Тој ја затвора својата кожа и заспива како никогаш порано. По извесно време чувствува студ во градите и се буди. Се подига на лактите и гледа како некоја девојка се претвора во точка во далечината.
0 Comments
Н.А. и Г.Р., студенти на дваесет и пет годишна возраст, се запознаа на журка во еден ноќен клуб во Скопје. Н.А. го забележа Г.Р. во толпата и му пријде. И обајцата беа едвај свесни за својата крајно поматена свест, но тоа, проверено, можеше само да придонесе кон забавата. Нецел час откако се сретнаа имаа пијан секс во автомобилот на Г.Р., каде што несакајќи и заспаа.
Следното утро Г.Р. се разбуди сам, со главоболка и дупка во сеќавањето. А со Н.А. се сретнаа сосем случајно, по точно шест дена, на една друга забава. И овојпат не беа трезни, но најпрво разменија две-три реченици, па дури потоа се доопијанија и завршија на каучот на една познаничка од Н.А. Повторно се сретнаа по три месеци, и повторно сосем случајно. Во старата чаршија, Г.Р. тукушто се раздели од пријателите, и одејќи кон дома ја сретна Н.А., која му предложи да им се придружи нејзе и на пријателката. Вечерта си поминаа одлично: малку се поднапија, а откако пријателката ги остави сами, Г.Р. ја испрати Н.А. до дома. Скришно водеа љубов во нејзината соба. Утрото, пред да си замине, Г.Р. ѝ го побара телефонскиот број. Ја побара по три дена, со намера да ја покани да излезат на кафе. Додека ја чекаше да му одговори на повикот, му се потеа дланките. А кога Н.А. се согласи да се видат, Г.Р. уште повеќе се возбуди и нервозно почна да шета низ собата. Се прашуваше за што ќе зборуваат, дали имаат заеднички интереси, и воопшто, дали средбата ќе го убеди во тоа дека можеби еден ден тие двајца ќе можат да живеат заедно. А.Б., дваесет и пет годишен стоматолог од Македонија, замина за Швајцарија да живее и работи. В.Г. и Д.Ѓ., дваесет и седумгодишни колеги од Македонија, заминаа за Германија, да живеат таму. Е.Ж., дваесет и шестгодишен човек од Македонија, економист, замина за Австралија, од исти причини. Истото се случи и со З.Ѕ., и И.Ј., кои половина од годината ја минуваа во Италија, а останатата половина во Македонија. К.Л., дваесет и шестгодишен, и Љ.М., една година помлада од него, заминаа да работат на брод без намера да се вратат назад. Н.Њ., дваесет и седумгодишна девојка, ќерка на руски дипломат во Македонија, си замина да живее во Москва, а О.П., Р.С., и Т.Ќ., дваесет и петгодишни другари од Македонија, откако поминаа две лета во САД, решија по третото да не се вратат дома. У.Ф. и Х.Ц. зедоа странски пасош, се отпишаа од Македонија и заминаа да живеат кај роднините во Австрија, а Ч.Џ., еден од ретките пријатели на Ш.1., замина на специјализација во Норвешка, со цврста намера да остане таму.
Штом го ќе го вратат од градинка, уредно си ги мие рацете пред да седне да поруча, си го подготвува домашното, ја става тетратката во ранецот, грижливо си подготвува сендвич за по пат, се поздравува со дедо си и тргнува кон дома. Штом стигне, веднаш ги вади белешките од ранецот и ги става во патничката торба, во која става и облека, несесер со паста за заби и пена за бричење, ја пали колата и тргнува кон железничката станица. Купува цигари, вади карта и зачекорува бавно кон пероните. Чека долго време, но најпосле влегува во воз. Во купето го обвива топлина и тој задремува. Штом возот најпосле застане, две девојчиња трпеливо го чекаат да се спушти по стрмните скалила, за да можат и тие да слезат. Зачекорува со болка во нозете, фаќа такси и тргнува кон старечкиот дом. На оддалеченост од околу сто километри, додека неговата ќерка го полива цвеќето, неговиот внук гледа збунето во една неопределена точка и не знае што чувствува. Само што му јавија дека починал дедо му. Ненадејно.
Прв пат ја сретна во малечкото комбе што требаше да ги однесе до хотелот. Од хотелот требаше да одат директно во музејот, каде што требаше да ги прочитаат по еден свој краток расказ пред двочленото жири на фестивалот за млади книжевни автори. Возењето во тесното комбе траеше невообичаено долго, но тие толку уживаа во разговорот што не ни помислија на патот. А зборуваа за сè: за животот на младите, за тоа дали може да се живее од уметноста, за сите планови што би можеле и треба да се остварат, за работата, семејството, за минатите патувања... Кога стигнаа беше доцна. Хотелот беше во предградието, а некои деца ги беа искршиле уличните светилки, па едвај се препознаваа во мракот. Се симнаа преморени и се упатија кон багажот, но возачот вешто ги пресече: „Дозволете, јас... Освен тоа, веќе доцниме.“ Ги зеде куферите и зачекоре кон влезот, а тој и таа со бавен чекор се упатија зад него. Штом влегоа во салата, организаторот им се приближи, им посака добредојде и ги замоли да побрзаат.
По неколку минути и тој и таа седеа на столчињата, и збунето гледаа пред себе – де кон своите збрчкани дланки, де кон децата што пред нив ги читаа своите кратки приказни. Кога лошите луѓе чекорат по улица или низ плоштад, ги држат двете дланки на висина на колковите, свртени кон телото, а прстите се опуштени, односно благо подвиткани навнатре. Лошите луѓе преку оваа положба на индиректен начин имаат за цел да го прикријат фактот дека се носители на штетните појави и процеси во општеството.
Лошите луѓе се облекуваат и соблекуваат навидум како и сите останати. Не се лесни за препознавање, иако најмногу се разликуваат од другите по тоа што понекогаш клечат на колена со наведената глава и сакаат да си го измијат лицето со пепел. Лошите луѓе се најопасни кога ви приоѓаат за да ве прашаат колку е часот, или каде се наоѓа нешто. За среќа, лошите луѓе стануваат сè помалубројни. За несреќа, стануваат сè полоши. На почеток пишував само песни. По стих-два дневно. Татко ми ме гледаше некако сомничаво, но ништо не ми велеше. Еднаш напишав цела песна. Тоа предизвика сериозна расправија во семејството. Со денови ми повторуваа дека тоа што го правам не оди на добро, дека пишувањето го уништува човекот, дека тоа единствено создава илузија дека сè е во ред. Не ги послушав, продолжив да пишувам. Седев затворен во својата соба, читав и скицирав раскази. Победив на конкурс за најдобра песна. Моите дома веднаш дознаа и тоа беше страшно. Мајка ми плачеше во спалната, а татко ми се обидуваше да биде рационален и да ме натера да сфатам дека пишувањето ме оддалечува од другите луѓе, дека потребно е да се работи нешто корисно за да се живее, а пишувањето е проклета работа. Повторно не бев послушен. Но веќе не можев да престанам, почнав да пишувам и раскази. Мојата девојка ме остави. Започнав да ги губам пријателите, презафатен со пишување, немав никогаш време за никој друг. Моите беа очајни. Еден ден победив на конкурс за најдобар расказ. Татко ми започна да пие. Брат ми престана да ми зборува. Мајка ми не знае кому да се обрати. Јас не знам да престанам со пишување.
Останав сам. Загубив сè. А за некој ден треба да ја објавам својата прва книга. Нашироко се зборува дека некој ден Живко Грозданоски влегол во канцеларијата на Темплум и побарал да се види со Никола Гелевски. Никола Гелевски се наежил и веднаш го испратил Владимир Јанковски. Кога Владимир Јанковски слушнал за кого станува збор, го испратил својот соработник Ѓорѓи Крстевски. Ѓорѓи Крстевски не се ни помрднал од местото. Никола Гелевски опцул во себе и излегол низ врата.
- Повели Жика – рекол Никола Гелевски. - Коља, би сакал да те замолам нешто. Може ли барем половина од надоместокот за преводот на романот да го добијам пред време? - Зошто? - Моите треба да купат крава. - Крава? - Да. Никола Гелевски нервозно се насмевнал и му побарал број на жиро-сметка. По три недели, Живко Грозданоски му испратил на Никола Гелевски шише свежо млеко. На шишето стоела залепена белешка: „ заблажено е поубаво – една лажичка шеќер на една чаша од 200 мл“. Но Никола Гелевски не сакал да конзумира зашеќерени производи и го пиел млекото директно од шише. Во меѓувреме размислувал каков наслов би ѝ одговарал на колумна која би говорела за врската помеѓу младата македонска литература и паланката. По излегувањето на првото издание на оваа збирка кратка проза, Никола Гелевски, Жарко Кујунџиски и ДПМ се обединиле во граѓанско здружение и покренале тужба против најзиниот автор за нарушување на угледот.
Пред суд, авторот на збирката немал адвокат, но на празното столче наместил огромен портрет на Данил Хармс и го свртел кон обвинителите. Никола Гелевски опцул во себе. Жарко Кујунџиски гледал збунето во платното. Набрзо и двајцата станале и со наведната глава ја напуштиле судницата. ДПМ не знаело кој е човекот на портретот, па затоа не трепнало со око и продолжило со процесот, цврсто убедено дека дрскиот автор сепак треба да одлежи. Тогаш тужениот автор ги повикал како сведоци Никола Гелевски и Жарко Кујунџиски. ДПМ најпрво се побунило а потоа се убедило е изиграно и незадоволно ја напуштило судницата. По судењето, оваа збирка проза станала толку популарна што некој афирмиран член од ДПМ, кој си имал своја издавачка куќа, побрзал лично да ги откупи правата, по што започнал масовно да ја продава. Еден ден и самиот посакал да ја прочита збирката, и многу се изнервирал кога видел дека во последниот расказ се зборува и за него. Но, веќе било предоцна. Утеха му било личното убедување дека Македонците не ги читаат книгите до крај, но и тоа што со парите од продажбата на осумте последователни изданија на оваа збирка си отворил уште три издавачки куќи. Имам нова девојка. И како и секој човек, и таа си има свои навики. Но јас ја учам како да биде како тебе, нормално, без таа да знае. Ѝ правам забелешки при секое нејзино движење, затоа што секоја воздишка, начинот на кој оди, сè треба да личи на тебе. Таа е полна со трпение, и прави сè како што треба, и кога си го чешка носот, и кога пишува, пишува со твојот ракопис, па и кога се кашла... Дури и кога грчи ноќно време ме потсетува на тебе.
Секој ден учи по нешто ново, и секој нов ден е нов предизвик. А јас сум пресреќен - речиси и да ја заборавив онаа обична девојка што беше таа кога ја запознав. Но пред некој ден се случи нешто многу лошо. Мојата нова девојка во еден момент ме запрепасти: иако ја немав научено на тоа, таа ми се закани дека ќе ме остави, исто како тебе. Истиот тон на гласот, истите зборови, истиот поглед, истиот вперен прст. Стоев како скаменет во ходникот од нашата куќа, и се чувствував многу чудно. Од една страна, ми беше многу мило затоа што најпосле еве и сама почна да се однесува како тебе, а од друга страна, еве сака да ме напушти, и тоа исто како тебе, во истиот момент кога станав доста сигурен дека работите конечно, колку-толку, си доаѓаат на место. |
Кратки расказиЗбирката кратки раскази содржи десет циклуси од по пет раскази. МесециЦиклуси
All
|